Над 16 000 пластични шишиња и лименки беа собрани во еко-акцијата „Рециклирај и добивај“, која во пресрет на Денот на рударите ја организираше Службата за заштита на животна средина на Рудник САСА. Средствата добиени од рециклирање на собраните пластични шишиња и лименки, дополнети со средства од рудникот САСА и неговите вработени, се донирани на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, со што оваа еко-акција доби ѝ добротворен карактер.
Локалното население, особено најмладите членови на заедницата, со ентузијазам учествуваа во еко-акцијата „Рециклирај и добивај“. Тие на денот на спроведување на акцијата донесоа голем број пластични шишиња и лименки, при што за возврат добија пригодни подароци. Собраната амбалажа потоа беше рециклирана во повратните вендинг машини на рудникот САСА, потенцираат од Рудникот.
Дополнително, голем број вработени на рудникот САСА ја поддржаа еко-акцијата со свои доброволни индивидуални донации.
„Исклучително сме задоволни од успехот на оваа еко-акција. Нејзината реализација ни овозможи да постигнеме неколку цели на кои се посветени Рудникот САСА и неговите вработени, вклучително и јакнењето на свеста за заштита на животна средина и обезбедувањето поддршка за луѓето од заедницата, особено на оние на кои таа им е најпотребна, односно на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица“, изјави Марија Стојановска, раководител на службата за заштита на животната средина во Рудник САСА.