Македонија е на врвот на листата земји чии граѓани биле протерани од Германија во првиот квартал од 2024 година.
Бројот на протерани лица од Германија годинава е значително поголем во споредба со минатата година. Во првиот квартал од 2024-та година бројот на депортации е поголем за една третина, пишува весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“. Весникот ги пренесува податоците од германската влада наведени во одговорот на пратеничко прашање од партијата Левица. Според нив, од јануари до март оваа година од Германија биле протерани 4.791 лице, или околу 34% повеќе во споредба со истиот период лани.
Притоа, Северна Македонија е на врвот на листата на депортации. Во првиот квартал од 2024 година од Германија биле протерани 483 граѓани на Северна Македонија. Во текот на целата измината 2023 година биле депортирани 1.177 македонски граѓани. Од протераните 483 македонски граѓани во првиот квартал од 2024 година, 233 биле жени и 227 малолетни лица.