Општинските јавни претпријатија, државните фирми и ЈП, како и здравството, за три месеци ги зголемиле доспеаните а неплатени обврски. На крајот на март внатрешниот долг се приближи до половина милијарда евра, пишува Порталб.мк.
Вкупниот внатрешен долг на крајот на првиот квартал од годинава достигна дури 490.740.000 евра што е за 82.000.000 евра повеќе во однос на состојбата на крајот од декември. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека за само три месеци доспеаните а неплатени обврски ги зголемиле Јавните претпријатија и државните фирми, општинските Јавни претпријатија, јавните здравствени установи, министерствата, агенциите.
ЈП на централно ниво и државните АД на крајот од март достигнале износ од 235,4 милиони евра што е за дури 69 милиони евра повеќе во однос на состојбата на крајот од 2023 година.
Општинските ЈП во првиот квартал од годинава пријавиле доспеан долг во износ од 76,7 милион евра или 700.000 евра повеќе во однос на последниот квартал од лани.
Јавните здравствени установи, болници, клиники, во првите три месеци од оваа година имале вкупен доспеан а неплатен долг во износ од 73 милиони евра што е за 11,7 милиони евра повеќе во однос на состојбата со долгот на крајот од 2023-та година.
Буџетските корисници од прва линија во кои спаѓаат и министерствата, на крајот од март пријавиле доспеани а неплатени обврски во износ од 12,6 милиони евра што е за 261.000 евра повеќе во однос на состојбата во последниот квартал од 2023 та.
Споредбената анализа на „Порталб“ покажува дека има драматичен раст на доспеаните а неплатени обврски по основ на „други градежни работи“ односно во март долгот достигнал скоро 55,3 милиони евра што е за 26,2 милиони евра зголемување за само три месеци.