Основните училишта во Штип, „Ванчо Прќе“,„Тошо Арсов“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ се приклучуваат на „Крени глас против врсничкото насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Учениците од овие образовни установи ќе имаат можност, преку работилници организирани од компанијата, подобро да се запознаат со причините за ваквото однесување, како и со последиците од булингот. Со цел поефикасна реализација на активностите денес беше потпишан меморандум за соработка.
“Во светски рамки, врсничкото насилство и понатаму е еден од најприсутните проблеми на младите, но истиот најчесто се премолчува. Ако се знае дека ова сфаќање е присутно наназад со децении, воопшто не изненадува што бројот на случаи не само што се намалува, туку и се зголемува. Една од нашите цели е да поттикнеме отворен разговор за оваа тема, но сакаме и во пракса да им помогнеме на младите со тоа што ќе имаат пристап до потребните знаења” – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.