И во однос на работа и во однос на студирање, турските државјани се најбројни меѓу странските државјани кои добиле дозволи за престој во Македонија за 2023 година. Заклучно со 26 декември минатата година, Агенцијата за вработување издала 5.676 мислења за работни дозволи на странци за работа во Македонија и лични работни дозволи, пишува Скопје IN.
Според државата на потекло, најмногу дозволи биле издадени на лица кои доаѓаат од Турција, Косово, Србија и Албанија.
Најчести дејности за кои се издадени дозволите, како што посочуваат од Агенцијата за вработување се за управители, градежни работници, тесари, електричари, армирачи и друго.
„Во 2023 година до денес се поднесени 6248 барања и секоја година се зголемува бројот.Одбиени се 346 барања од причина поради некоплетна документација, во нашата евиденција или има таков профил на невработени лица и слично“, велат од Агенцијата.
Во меѓувреме, како што изјавија од Министерството за внатрешни работи, минатата година биле издадени 625 дозволи на лица од Турција за привремен престој во Македонија за студирање а од ннив најголем број се во Штип.
Бројот на издадени дозволи на странци од други земји, споредено со Турција е незначителен а турските државјани биле доминантни меѓу странските работници и студенти во Македонија и во 2022 година.
За oваа година, поради огромниот дефицит од работна сила работодавачите побараа удвојување на дозволи за стрaнски работници што значи од досегашните 5000, тие бараат 10 000 дозволи. На бизнисот очајно му недостигаат градежни , текстилни и работници во туризмот и угостителството.